Охрид и целата македонска јавност е во исчекување кој е среќниот добитник на 1,7 милиони евра, откако по две години, викендов, во извлекувањето во живо, на Канал 5, падна најголемата премија во Македонија вредна над 109 милиони денари или околу 1,7 милиони евра, пишува nezavisen.mk. Дали е охриѓанец или пак турист на кого му се позлати одморот во Охрид?
Ова е најголемиот џек-пот во историјата на Државната лотарија на Македонија. Добитната комбинација беше составена од бројките 7, 10, 27, 31, 33, 35 и 36 и била уплатена во Охрид.
Претходната добивка на лото беше речиси три и пол пати помала и изнесуваше скоро 33 милиони денари и падна во ноември 2022 година, додека претходната најголема добивка е забележана во 2021 година со вредност од над 41 милиони денари.
Во 2022 година се зголеми и цената за уплата на лото-комбинација во земјава од 20 на 30 денари, поради што се очекува џек-потот и во иднина да достигнува повисоки суми.
Од следното коло, џек-потот за „седмица“ изнесува 10 милиони денари, сума гарантирана од Државна лотарија.
Досега се постигнати вкупно 28 седумки, а за седумка се славеше во различни градови: дванаесет пати во Скопје, петпати во Битола, двапати во Кичево, двапати во Куманово и по еднаш во Свети Николе, Тетово, Неготино, Струмица, во Кавадарци и во Кочани.
Во однос на вредноста на добивките со 7 погодоци досега постигнати се 11 добивки со гарантирана вредност од 6 000 000,00 денари и една со гарантиран фонд од 7.777.777,00 денари. Сите други седумки се добивки коишто се над гарантираниот износ од страна на Државна лотарија. Најголемата премија досега, пред оваа, е во вредност од 41.163.771,00 денари, а среќните броеви добитникот ги уплатил во продажното место ЈМБ Компани Визбегово во Скопје.
Од досегашното искуство со игри на среќа, голем број добитници на Лото, ја споделиле својата приказна која им го сменила животот, а многумина го искористиле и правото, да останат анонимни.