БЛАЗЕ СИ ИМ – овие граѓани наскоро ќе добијат 20 000 денари плус на своите сметки!

Платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемат согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските.

Тоа што во февруари годинава со измена на шест закони беа намалени коефициентите на сложеност со кои се множи основицата при пресметката на платите помогна само да не им пораснат примањата во оваа 2024 година, откако во март 2023 година со одлука на Уставниот суд им пораснаа за 78 отсто.

За да не им растат и во 2025 година Владата би требало на Собранието да му предложи повторно да ги намали коефициентите за пресметка или да го исполни ветувањето за носење на нов системски закон за платите во јавниот сектор, но засега е неизвесно што ќе се случи.

За изработка на новиот системски закон засега не станува збор, а извршната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ не најавува дека ќе го сопре зголемувањето, иако беше гласно против растот на функционерските плати додека беше во опозиција, а премиерот Христијан Мицкоски дури бараше сите министри да работат без надомест!

Платата на функционерите се пресметува така што просечната плата од претходната година се множи со коефициент на сложеност, на што се додаваат другите додатоци како минат труд, бонуси, разни надоместоци и сл. Пред февруарските измени на коефициентите тие беа во распон од 2,2 до 4,5, а по измените се намалија од 1,91 до 3,92. Со ова намалување коефициентите беа „нивелирани“ на начин да останат актуелните плати по ланското драстично зголемување од 78 отсто и ниту една плата да не се намали, но и да нема значителни зголемувања. Ако не ги намалеа коефициентите, платите ќе им пораснеа за нови 200 до 400 евра!

Просечната плата за 2023 година изнесува 36.614 денари, а за 2024 година најверојатно ќе изнесува околу 41.000 денари. Според Државниот завод за статистика, просечната плата за мај 2024 година е 41.252 денари, а просекот од јануари до мај е 40.328 денари.

Ако годишната просечна плата е 41.000 денари, основната плата на функционерите со највисок коефициент, а тоа се премиерот, шефот на државата и претседателот на Собранието, ќе изнесува 160.720 денари без додатоците. Премиерот Христијан Мицкоски, според податоците што ги објави Владата зема основна плата од 140.450 денари (2.280 евра), па произлегува дека од јануари следната година платата ќе му се зголеми за околу 20.000 денари (330. евра) и ќе изнесува 160.720 денари (2.610 евра).

Пратениците, за кои по законските измени коефициентот од 3,5 се намали на 3,04, ова година земаат основна плата од 111.300 денари, а од јануари ќе земаат по 124.600 денари, односно за 13.340 денари (210 евра) повеќе, без надоместоците.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која по ново има коефициент од 3,22, сега зема основна плата од 117.900 денари, а од следната година 132.000 денари, што е покачување од 14.000 денари. Истиот коефициент како на скопската градоначалничка му следува и на Државниот јавен обвинител, кој зема и дополнителни надоместоци согласно Законот за платите на обвинителите.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, за која коефициентот беше намален од 4 на 3,7, оваа година зема основна плата од 135.400 денари, а следната година ќе зема 151.700 денари, што е за 16.300 денари повеќе.

Функционер со коефициент 3 ќе зема плата зголемена за 13.150 денари, а со коефициент 2 зголемена за 8.700 денари. Функционерите чија плата се пресметува според најнискиот коефициент од 1,91 сега земаат основна плата од 69.900 денари, а од догодина 78.300 денари, што е зголемување за 8.400 денари.

До зголемувањето на функционерските плати дојде откако Уставниот суд лани на 21 март ја укина фиксната основица која изнесуваше 26.700 денари, која беше утврдена во Законот за плати на избраните и именуваните лица, со образложение дека е неуставно да постојат две основици, по што како основа за пресметка остана само годишната просечна плата. Таа несопирливо расте од година во година, па со неа ќе растат и функционерските плати.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде