Метео анализа на Славчо Попоски:
Почитувани, како што веќе најавив, од денес (среда 14.8.2024) влегуваме во нестабилен временски период, што значи дека атмосферата полека ќе се дестабилизира. Токму поради ова, во попладневните и во вечерните часови локално ќе се развиваат грмотевични облаци кои ќе условуваат појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Поради загреаната атмосфера која е исполнета со многу енергија, и тоа поради екстремно топлиот бран “ЛУЦИФЕР” кој условува екстремно високи температури на воздухот, локално процесите ќе бидат доста интензивни и застапени во форма на силно невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град кој во баква ситуација би можел да биде покрупен.
И во делови од Скопската котлина, во следните денови ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Можна е и појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни грмежи и електрични празнења и со појава на град.
Апелираме, во случај на појава на невреме, како и на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Што се однесува до температурите, тие до петок ќе бидат екстремно високи и насекаде ќе надминуваат 30 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели, како и во Скопската котлина температурите ќе се искачуваат до, па и над 40 степени, односно до околу 41, 42 степени. Постепено опаѓање на температурите на воздухот, како и намалување на интензитетот на овој екстремно топол бран се очекува од овој викенд, а особено во почетокот на следната седмица.