Овие граѓани да си ги проверат сметките, власта изврши исплата

Денеска започна исплатата на платите за јуни и јули за околу 40 вработени кои со укинувањето на Агенцијата за млади и спорт (АМС) преминаа во Министерството за спорт.

Проблемот беше во трансформацијата на нивните работни места, а тој сега е надминат и останува на тие вработени да им биде исплатена уште платата за август, кажа министерот за спорт, Борко Ристовски.

Според него, од следната седмица ќе започне исплатата и на задоцнетите стипендии за 2-3 месеци, за спортистите кои се докажале во меѓународни рамки, зашто се работело за правен вакум како и за платите на вработените во поранешната Агенција за млади и спорт.

„Веќе од наредната недела ќе си ги добијат сите заостанати средства одеднаш. И од наредниот месец ќе си тече регуларно или месец за месец, како што треба да ја добиваат“, изјави Борко Ристовски, министер за спорт.

Субвенционирањето на спортистите преку т.н. ваучер систем оди во историја. Министерството за спорт и Владата во изминатите два месеца направиле законски измени со кои се отфрлени критериумите за добивање на државна помош кои генерирале корупција, кажа министерот Ристовски.

Согласно новата Национална стратегија за спорт, приоритет при финансирањето сега имаат актуелните врвни домашни спортисти и најуспешните во минатото, а фокусот преку изготвена Програма ќе биде на четири домашни спортски федерации и клубови што се натпреваруваат во странство. Првиот повик за субвенции, обезбедени преку средства од игрите на среќа ќе биде објавен следната седмица, кажа Ристовски.

„Најпрво ќе објавиме повик за финансирање на врвен спорт. Тоа значи сите оние екипи и федерации кои се натпреваруваат во Европа, веќе во понеделник или вторник ќе објавиме јавен повик на кој ќе можат да се пријават, да партиципираат. И Министерството за спорт, за таа цел одвои 85 или 84 милиони денари“, рече Ристовски.

Министерот во интервју за еден од порталите најави дека ќе им биде укината државната помош на спортиските легенди кои снимаат реклами за казина и обложувалници, зашто според него тоа е недостоинствено.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде