Денеска беше погребан српскиот музичар и фронтмен на групата „Рибља чорба“, Борисав Ѓорѓевиќ – Бора.
Од легендарниот музичар се опростија членовите на семејството, пријателите, колегите и бројните обожаватели на неговата музика.
Меѓу насобраните беше и Момчило Бајагиќ – Бајага, кој заедно со членовите на неговиот бенд со трогателни зборови се прости од Бора.
„На 4 септември нè напушти нашиот сакан Борисав Ѓорѓевиќ, поет и рок мајстор… Драг наш Боро! Ти благодариме што беше дел од нашите животи, како пријател и деловен соработник. Секогаш ќе бидеш во нашите срца и сеќавања. Твоите сакани и вечно твои: Бајага, Жика, Локнер, Гане, Киќо, Сале, Кузма, Чукиќ и Зеко“, пишува во некрологот испратен од „Бајага и инструктори“.
Веднаш по погребот, како што пишува српски „Блиц“, Бајага и неговите колеги доживеале полесна сообраќајна несреќа.
„Тоа беше полесна сообраќајна несреќа. Не бев јас тој што го доживеа судирот, туку автомобилот пред нас. Се случи мала сообраќајна несреќа и фала Богу сите се добро. Нема повредени“, изјави познатиот музичар.