Најнова вест: Големиот бран влегува во Македонија – ќе има силно невреме

Почитувани мои, по краткотрајната стабилизација на времето која ја имавме во текот на вчерашниот ден, денес (петок) под влијание на нов влажен бран од запад во Македонија ќе има нови врнежи од дожд, локално поројни и проследени со грмежи како и со засилен ветер. Локално повторно ќе наврне позначително количество на воден талог (над 20 л/м2).

Локално пак се можни поинтензивни атмосферски процеси, во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења  и со услови за појава на град. Исто така, денес  и утре (сабота) повремено ќе дува засилен ветер од јужен и од југозападен правец (повремено и локално со брзина од над 70 км/час).

Апелираме во случај на појава на невреме и на електрични празнења во текот на денешниот ден, да не се претстојува на отворен простор  и под осамени дрвја.

И во Скопскиот регион денес очекуваме нови врнежи од дожд, повремено проследени со засилен ветер од јужен правец. Во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни и со услови за појава на грмежи.

И за време на викендот ќе има повремени локални врнежи од дожд, повеќе застапени во западните предели.

Што се однесува до температурите, тие ќе бидат во позначително опаѓање, особено од недела кога максималните дневни температури ќе бидат значително потпросечни за овој период од годината, и ќе се искачуваат во интервалот само од 15 до 23 степени.

Повремени локални врнежи од дожд ќе има и во текот на следната седмица. Температурите и понатаму ќе бидат невообичаено ниски за месец  септември, и тоа поради продор на многу поладен воздух од север. Не се исклучува можноста за време на овој период, на највисоките планински места во Македонија (над 2000 м.н.в) да провее  и првиот снег за оваа сезона.

Исто така, особено на планинските  и на високите места во Македонија од недела можна е  и појавата на првите утрински мразеви за ова сезона, што значи дека очекуваме многу постудени утра со температури кои на многу места ќе се спуштаат под 10 степени, понекаде  и под 5 степени.

Метео анализа на Славчо Попоски:

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде