Домовите се евакуирани во северниот италијански регион Емилија-Ромања бидејќи бурата Борис, која од минатата недела однесе најмалку 24 животи во централна и источна Европа, ја зафати земјата, предизвикувајќи огромни поплави и лизгање на земјиштето.
Силен дожд ја погоди Емилија Ромања вчера доцна попладне и ситуацијата брзо се влоши како што падна ноќта.
Реката Савена во Болоња исто така забрзано се издигна, предупреди вчера вечерта градската управа. Официјалните лица наредија евакуација на домовите во приземјето и подрумските простории во погодените области. Блокирани се и некои патишта поради одрони.
Во регионите Емилија-Ромања и соседниот Марке се издадени предупредувања за силно време за следните 24-36 часа. Училиштата ќе бидат затворени и на луѓето им се советува да избегнуваат патување и работа од дома доколку е можно.
Поплавите во Емилија Ромања во мај 2023 година однесоа 17 животи и предизвикаа штета од 8,5 милијарди евра.
Од минатата недела бурата Борис донесе поплави и обилни дождови во Чешка, Романија, Полска и Австрија. Бројот на загинати се искачи на најмалку 24 во средата, кога Чешката Република објави четврти и петти смртен случај.
Научниците велат дека екстремните врнежи од дожд и поплавите станале почести и поинтензивни поради климатските промени предизвикани од човекот.
Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич изјави дека поплавите во Централна Европа и смртоносните шумски пожари во Португалија се доказ за климатската криза.
„Не се залажувајте. Оваа трагедија не е аномалија. Ова брзо станува норма за иднината“, им рече Ленарчич на европратениците. „Европа е континентот кој најбрзо се загрева во светот и е особено ранлив на екстремни временски услови.