Нема збогум, пак ќе се сретнеме некогаш! – Колегите и пријателите се простуваат од загинатите лекари

Јавноста со шок и неверување ја прими веста за загинувањето на трите медицински лица во сообраќајната несреќа што утрово се случи на патот Прилеп-Битола. 

Колегите на социјалните мрежи се простуваат од врвните лекари кои работеа во болницата „Плодност“ во Битола. 

–  Денеска загубивме тројца наши драги колеги, врвни професионалци и пред сè големи луѓе. Со неизмерна тага ја примив веста за трагичната сообраќајна несреќа во Прилеп, во која животите ги загубија примариус д-р Александар Ристески, радиолог, д-р Никола Василевски, гинеколог, и рендген техничарката Фанче Јовановска, сите дел од приватната болница Плодност од Битола. Загубивме луѓе кои посветија живот за доброто на другите и кои оставија неизбришливи траги во здравството. На семејствата, блиските и колегите на загинатите им изразувам најискрено сочувство. Нека им е вечна слава, сподели ексминистерот за здравство и неврохирург Венко Филипче. 

–  Катастрофална загуба за Македонија и македонското здравство, во трагична сообраќајна несреќа утрово изгубивме двајца врвни лекари Прим. Д-р Александар Ристески и д-р Никола Василевски. Животот го загуби и рентген техничар Фанче Јовановска. Сочувство до семејствата и блиските, ова е навистина тажен ден. Сочувство и до целиот персонал на болницата Плодност, напиша доктор Ненад Лазаров. 

Емотивна објава сподели и новинарот од Канал 5 телевизија Гоце Михајловски, кој се прости од својот другар Никола. 

– Нема збогум, пак ќе се сретнеме некогаш! Прво ми беше цимер, а потоа ми стана најдобриот другар. Не знам дали и јас нему, имаше многу пријатели и другари, но знам дека и двајцата се радувавме како мали деца на секоја средба и небројаните часови муабети. Бевме сродни души некако, делевме исти вредности и идеали, имавме исти соништа. Беше човек во вистинската смисла на зборот, кој денес ретко се среќава. Благодарам на привилегијата да другаруваме. Тешко ми е да кажам збогум. Не можам да поверувам дека на ваков начин се разделуваме, ама сакам да верувам дека некогаш пак ќе се сретнеме! Засега само поздрав Кољо, напиша Михајловски. 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде