Во четврток ќе се одржи првата седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) по формирањето на новата Влада.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска изјави дека со работодавачите и синдикатите ќе се продискутираат сите нивни барања, идеи, критики и предлози, како и барањето за покачувањето на минималната плата.
– Заедно и транспарентно ќе носиме одлуки. Ќе ги видиме и можностите на Владата, но ќе ги слушнеме и работодавачите и синдикатите и ќе донесеме заедничка одлука, рече Дурмиши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од Владата, Дурмиши истакна дека според законот покачувањето на минималната плата треба да се случи во март идната година.
– Според законот во март идната година е предвидено да се покачи минималната плата. Таа методологија е усогласена со синдикатите и работодавачите од претходната Влада. Ако не се задоволни од тоа што сами го договориле и потпишале може на првата седница на ЕСС во четврток да кажат дека треба да се менува методологијата и да ги согледаме можностите кои ги имаме, рече Дурмиши.
Ако треба порано да се зголеми минималната плата, како што рече, ќе треба да се менува Законот за покачување на минималната плата и методолгијата.