„Бегајте или ќе умрете“, прашање на „живот или смрт“ – драматични предупредувања во исчекување на ураганот Милтон

Делови од Соединетите Американски Држави се на нозе. На Флорида се приближува ураганот Милтон за кого метеоролозите најавија дека носи „историски“ големи врнежи од дожд и ветришта со брзина и до 265 км./ч.

Поради тоа е окарактеризиран како ураган од петта категорија. Милиони луѓе се евакуираат, се празнат рафтовите во маркетите, веќе е забележан недостиг на гориво на бензинските пумпи, а претседателот Џо Бајден ги откажа планираните посети на Германија и на Ангола.

Властите предупредија дека Милтон ќе биде најлошото невреме што ја погодило Флорида во последните 100 години. Оттука и апелите за итна евакуација.

Бајден порача дека тоа е прашање на живот или смрт, додека градоначалничката на Тампа му потенцира на населението да „бега или ќе умре“.

„Ова ќе биде невреме кое ќе ги промени животите“, изјави Џералд Лемус, жител на Флорида, пренесува „Би-Би-Си“.

Метеорологот од Флорида, Џон Моралес се расплака додека известуваше за силата на ураганот Милтон.

Пред помалку од две недели, ураганот Хелена, досега најсмртоносниот од Катрина во 2005 година, го опустоши југоистокот на САД, пришто најмалку 225 луѓе загинаа, а а стотици и натаму се водат како исчезнати. Смртни случаи се забележани во Џорџија, во Јужна Каролина, во Тенеси и во Вирџинија и во најтешко погодената американска сојузна држава, Северна Каролина.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде