Пензионерите не треба да се грижат дали ќе ги добијат ветените 2.500 денари во март, бидејќи парите за оваа исплата се обезбедени и влезени во Буџетот за 2025 година, децидна е министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска.
Таа потврди дека над 40 отсто од Буџетот на ПИОМ се алиментира од Владата, но рече дека оваа дупка не е од сега и се провлекува многу години.
Димитриеска Кочоска уште еднаш повтори дека Владата интензивно работи да се обезбеди одржливост и долгорочна стабилност на ПИОМ, но смета дека мора да се направи ревизија за да има пореални согледувања за вистинската состојба на пензискиот Фонд.
Таа потсети дека линеарните зголемувања на пензиите ќе им помогнат на илјадниците пензионери од периодот на транзицијата, кои имаат големи дупки во стажот и ниски пензии.
-Сите досегашни министри за финансии и директори на Фондот за ПИОМ само лиферуваат информации за некакви „фантомски пензионери“, ама никој не излезе со реални бројки. Очекувам дека новото раководство на ПИОМ тоа ќе го стори во наредниот период, оти несериозно е да не се знае реалната слика.
Не може само да се вели дека така било со години и ништо да не се презема. Затоа во наредниот период ќе организираме обуки за вработените во државните институции, а во новите законски решенија ќе се вметнат и нови механизми, но и казни за неисполнување на обврските – додаде министерката за финансии.