Со тешки чекори, мајката на убиеното девојче Вања Ѓорчевска, Зорица, дојде на пултот за сведоци во судницата во Основниот кривичен суд Скопје, на судењето за двојното убиство во ноември минатата година.
Настанот се случи на улицата „Наум Наумовски Борче”.
„Во овој стан живеевме само два месеца. Претходно живеевме на улица ‘Славе Деловски’, кој e мој стан. Тој на ‘Н. Н. Борче’, беше мој, па го дадов на мојот маж Александар Ѓорчевски, а потоа пак премина во моја сопственост. Тој инсистираше да биде префрлен на негово име, за ако нешто се случи, децата да имале оставина.Тоа беше во 2018 година. Бидејќи децата сакаа да живееме таму, јас побарав да се префрли на име на децата, односно на мое име, како нивни старател”, одговараше мајката на Вања пред обвинителката, најпрво околу имотните односи со поранешниот сопруг Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во киднапирањето на неговата сега покојна Вања.
Во продолжение, таа рече дека тој ден околу 7.20 часот Вања излегла за на училиште.
„Околу десет за осум излегувам пешки за на работа. Гледам порака од класната: Вања ја нема на прв час! Веднаш се јавив, не беше достапна На ‘Гугл мапс’ видов дека таа е на Партизанска, во близина на ‘Фитнес Хаус’. Се јавив на Александар, дека Вања ја нема“, сведочеше мајката.
„Што да правам, викав, му реков доаѓам накај тебе, симни се. Се симна, јас се јавив во 8 часот во полиција дека детето го нема. Се упативме пред ‘Фитнес Хаус’, пребаравме една напуштена куќа. Дојдоа полицајците, се јавив по роднините. Започна потрагата”, одговараше мајката на прашањата на обвинителкатаа.
„Тој беше веќе облечен и симнат доле. Не е вообичаено така брзо да се подготвува. Обично доцнеше. Сега беше спремен доле. Беше потиштен. Јас цело време се правдав не знам каде е детето. Не се скарав. Не знам што се случи сабајлето”, сведочеше мајката.
Неа ѝ паднало во очи и тоа дека веднаш рекол оти ќерка му е киднапирана.
„Од првиот момент тврдеше дека Вања е киднапирана. Дека нема што друго да биде”, рече мајката и продолжи да одговара на деталните прашања.