Пензионерите во март ќе добијат покачување на пензиите за дополнителни 2.500 денари колку што беше и зголемувањето што почна со пензијата за септември, а во септември догодина ќе добијат и околу 4 проценти зголемување согласно методологијата за усогласување.
Линеарното зголемување на пензиите во септември 2024 во вкупен износ било 862 милиони денари (скоро 14 милиони евра) или 11,17 отсто во однос на вкупниот износ што за пензии бил исплатен во август 2024.
Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОСМ) Никола Мемов соопшти дека предлог-буџетот за Фондот за 2025 година е 135 милијарди денари наспроти 110,5 милијарди денари за тековната 2024 година.
На средба со новинарите на која информираше за состојбата на буџетот и за идните планови, новиот директор на Фондот рече дека средства за пензии ќе бидат обезбедени и дека буџетскиот дефицит во вкупниот буџет за 2025-та е 27 проценти. Придонесот за пензиското осигурување останува 18,8 отсто.
Граѓаните треба да бидат сигурни дека средства за пензии ќе бидат обезбедени. Буџетскиот дефицит е стабилизиран и ќе биде 27 проценти. Новиот менаџмент до Владата и до Министерството за социјална политика ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетот за исплата на пензиите. Очекуваме приходите по основ на плаќање на придонеси до крајот на годината да растат и дефицитот да се стабилизира – рече Мемов.
Нагласи дека буџетскиот дефицит не е создаден поради лошо менаџирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување туку е резултат, рече, на економските политики на претходните влади во изминатите дваесетина години.
Главна цел на Владата, додаде директорот на ПИОСМ, е обезбедување подобар животен стандард на пензионерите, а линеарното зголемување на пензиите е со цел, рече, да се намалат социјалните разлики помеѓу корисниците на минимална пензија и оние што се со високи пензии.