(ВИДЕО) Страшно невреме беснее во делови од Европа – има загинати

Регион Емилија Ромања во североисточна Италија повторно е погоден од катастрофални поплави. Поројните дождови и излевањето на реките доведоа до поплавување на значителни делови од градот Болоња, како и регионите Модена, Реџо Емилија, Равена и Пјаченца.

Според информации од префектурата на Болоња, во областа Пјаноро бил пронајден мртов млад човек (20 години), кого надојдените води го однеле со неговиот автомобил.

Потрагата по друго исчезнато лице во истиот регион продолжува.

Градоначалникот на Болоња, Матео Лепоре, уште од саботата вечер апелираше до жителите да не излегуваат надвор и да се засолнат на повисоките катови или покривите на своите домови.

Временските прогнози не предупредуваа на толку интензивен бран на лошо време, што го отежна справувањето со ситуацијата.

Италијанската цивилна заштита одржа итен состанок на својот оперативен комитет за да обезбеди дополнителна помош за луѓето кои беа евакуирани поради поплавите.

Земјоделскиот сектор веќе се соочува со огромни штети, кои сè уште не можат да се проценат.

Очекувањата се дека лошите временски услови ќе се шират кон јужните делови на Италија, вклучувајќи ги областите околу Неапол, Бари, Калабрија и Базиликата.

Во регионот Венето беше одлучено да се одложат сите аматерски фудбалски натпревари поради опасноста од поплави и нестабилните временски услови.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде