Најнова вест: Еден од загинатите во несреќата во Нови Сад е македонски државјанин

Претседателот Александар Вучиќ во вечерашното обраќање до јавноста изјави дека во трагедијата во Нови Сад, кога се урна настрешницата на главната железничка станица, загинале 14 лица, дека еден од загинатите е државјанин на Северна Македонија, а идентитетот на пет лица сè уште не е утврден.

„Според информациите кои се надевам дека ќе бидат последни, 14 лица загинале, од кои не успеавме да го дознаеме идентитетот на пет лица, осум лица се државјани на Република Србија, едно лице е државјанин на Северна Македонија.

На фамилиите и на сите блиски во име на сите граѓани на Србија да им изразам сочувство“, изјави Александар Вучиќ претседател на Р. Србија.

Вучиќ изјави дека бара Обвинителството во Нови Сад и Владата на Србија да ги гонат и најстрого да ги казнат одговорните за уривањето на дел од настрешницата во Нови Сад. Тој побара политичка, а пред тоа и кривична одговорност.

Екипите на итната помош и пожарникарите и вечерва се на терен, во акцијата за спасување учествуваат над 80 лица, а вклучени се и багери за отстранување на урнатата настрешница, бидејќи под урнатините може да има уште настрадани.

Станува збор за настрешница која се наоѓа над влезната врата во зградата на станицата, под која седеле неколку десетици луѓе, а според сведоците сцената била застрашувачка, бидејќи се паднало одеднаш и изгледало како експлозија.

Повеќето од оние кои се нашле во оваа несреќа и сплет на околности под оваа настрешница, завршиле со смртен исход.

Во Србија утре е прогласен ден на жалост, а во Нови Сад е прогласена тридневна жалост.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде