Поради основано сомнение за сторено кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истрага против 33-годишен осомничен.
На 1 ноември во попладневните часови, при вршење семејно насилство, осомничениот со умисла ја лишил од живот неговата вонбрачна партнерка.
Откако со жртвата се договориле да се сретнат во помошен објект на ЈП Исар, каде и претходно често се среќавале за да разговараат за проблемите во нивната врска, меѓу нив настанала расправија, по што осомничениот физички ја нападнал.
Ја удирал со тупаници, па ја фатил за вратот, ја турнал на подот и со двете раце ја притискал и давел подолго време додека жената не престанала да дава знаци на живот. Потоа самиот се пријавил во полициската станица во Штип.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, а се работи и за претходно осудувано лице, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот и определи притвор за осомничениот во траење од 30 дена.