Денеска се празнува Света Параскева-Петка: Еве што е строго забрането

Православните верници денеска ќе го слават споменот на Светата Маченичка Параскева (Света Петка Икониска).

Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. Се празнува во секој крај, а има силен култ во Охридско.

Секаде има свои обичаи, но сите носат вино, лепче и пченица во црква. Kултот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.

Петковден како домашна слава се празнува со служби посветени на св. Петка, а го празнуваат голем број македонски семејства.На Петковден именден слават Петко, Петкана, Параскева, Пенка.

Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува утре. Сите три името го добиле бидејќи биле родени во петок кога (пред христијанството) Евреите се подготвувале да го одбележат празникот и неработен ден-сабота. Уште од тоа време Параскева значи подготовка.

Според житието на св. Петка Епиватска, таа е родена во Епиват во Тракија, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на 10 век. Нејзините родители биле од словенско потекло, побожни луѓе, па така ги одгледувале и своите деца. Параскева била многу мала кога покажувала интерес за монашкиот живот. Имала брат Ефтимие, кој подоцна станал епископ мадитски.

Параскева живеела со своите родители до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, па во јорданската пустина (денешен Израел) каде што живеела во пост и во молитва до староста. Се вратила во родниот Епиват каде што по две години се упоколила, според житието, во 11 век.

Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во романскиот град Јаши.

Населението верува дека св. Петка е заштитничка на луѓето, ги чува од суша, поплави, неплодност, громови и од многу други несреќи. Празникот Св. Петка повеќе го празнуваат жените.

Има уште два празника посветени на св. Петка – Преподобна маченичка Петка (Римјанка) која се слави на 8-ми август, и Преподобна маченичка Петка (Икониска), која се одбележува на 10-ти ноември. Денешната се нарекува и Црна света Петка бидејќи светицата секогаш била облечена во црно.

Што е забрането на 10 ноември во чест на светата великомаченицка. Вака велат народните верувања:

Ако денес пцуете – во староста може да останете сами;

Ако на глас се смеете и се забавувате – наскоро ќе мора горко да плачете;Ако ја миете косата (но само за слободни девојки) – барем уште една година ќе останат сами;Ако зборувате лошо за мртвите – фрлате клетви на себе;

Ако започнете нов бизнис – нема да биде успешен.

Меѓу луѓето имало знаци и за временските услови. Така, на пример, ако на 10 ноември има мраз на дрвјата, тогаш цела зима ќе биде многу студена и со мраз. Ако има магла наутро – следува затоплување. Ако има круг во близина на Месечината, очекувајте бура. Случајно да се види верверица на овој ден – ќе имате радост во зимата.

Се разбира, ако сте ја пропуштиле веќе денешната утринска литургија, отидете во црква и запалете свеќа во чест на светата маченичка Параскева – Петка.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде