Пензиите ќе се зголемат линеарно за 2 500 денари во март, а какво ќе биде коригирањето во септември в година, сè уште е неизвесно.
Сè уште стојам на ставот дека треба да пораснат платите на средномедицинскиот персонал, но треба да се направат промени и кај општите лекари. Тие се со пониски плати, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ на МРТ1.
Одговарајќи на прашањето чии плати во јавниот сектор ќе растат во 2025 година, освен во ресорот образование, министерката за финансии вели друг таков сектор е здравство, иако таму сè уште се чека постигнување конечен договор.
„Имаше различни предлози, ќе видиме на крај што ќе излезе како финален договор. Стојам уште на ставот (за раст на платите на средномедицинскиот персонал. н.з.), со тоа што треба да се види генерално во делот на општите лекари.
Тие се малку со пониски плати. И за капитацијата треба да се види и други работи да се променат. Зборувам за младите лекари кои завршуваат и се вработуваат“, најави Димитриеска-Кочоска.
Таа дополни дека веќе е во процедура најавеното вработување на околу 600 специјализанти.
Прашана за медицинските работници кои со години работат со договор на дело, за кои Таравари рече дека се околу 2 500, Димитриеска-Кочоска рече дека таа располага со помала бројка и дека за нив ќе треба да реши Фондот за здравствено осигурување.