Славка Јанеска, професорка по македонски јазик и литература во ОСУ „Св. Климент Охридски“ на социјалните мрежи го откри идентитетот на загинатото момче.
„Доаѓам на училиште и.. трагична вест. Наш, мој ученик го загубил животот во сообраќајна несреќа. Димитар, весело благородно дете, животот му беше песната, секогаш насмеан, со зборовите..
‘Уште оваа песна, професорке’.. Како да знаеше дека кратко ќе биде на овој свет, каде се’ е привидение, само смрта е реалност.
Што да се каже, нема зборови, освен ‘животе скоте’. Патувај кај ангелите Димитар, за да им пееш и осветлуваше со својата позитивна енергија и весел дух“, напиша таа.
Да потсетиме, страшна сообраќајна несреќа се случила рано утринава во која животот го загуби 18-годишниот Д.Ц. од Охрид, а 16-годишниот сопатник е во критична состојба.
„Во 01:15 часот на регионалниот пат Охрид – Св. Наум, во близина на населбата Елешец, се случи сообраќајна несреќа во која патничко возило ‘пежо’ со охридски регистарски таблици излета од патот.
За жал, возачот, осумнаесетгодишниот Д.Ц. од Охрид, го загуби животот на местото на несреќата, додека 16-годишниот сопатник е пренесен во болницата ‘Св. Еразмо’ со тешки телесни повреди.“, информираат од полицијата.
Како што велат од полицијата смртта кај возачот ја констатирал доктор од Итната медицинска помош, додека 16-годишниот сопатник се наоѓа во критична состојба во болницата „Св. Еразмо“, каде му биле дијагностицирани тешки телесни повреди.
Увид на местото на несреќата извршија јавен обвинител, судски вештак и полициски екипи. По наредба на јавниот обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.