Зголемување од 10 отсто на паричната маса наменета за покачување на платите во здравството е договорено со анекс на Колективниот договор за здравствена дејност на средбата меѓу Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар – Скопје и Владата.
Порастот на платите ќе почне да се применува од ноември, за што работна група со претставници од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување ќе работи на усогласување на анексот.
На прес-конференцијата по средбата, на која присуствуваа претедателите на двата синдиката и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, беше изразено задоволство од постигнатиот договор.
-Успеавме со овој анекс на Колективниот договор да ги корегираме коефициентите на вработените во здравството. Се работи конкретно за корекција на коефициентот 0.233 кој во превод значи повисока бруто плата за сите вработени од 3.650 денари или 2.450 денари во нето износ.
Уште подобра придобивка во делот на овој анекс е корекција на платите од 0.364 за медицинските сестри со средно образование и останатиот средно медицинскиот кадар кој го превод значи 5.700 денари во бруто или 3.850 денари во нето.
Ова значи и поголема мотивација за нашите вработени, а колективниот договор е двостран акт и израз на добра волја, истакна Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.