Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 ноември.
Денеска е Св. апостол Филип и св. Григориј Палама.
Апостол Филип беше родум од Витсаида, крај Галилејското Езеро. Тој проповедаше во разни делови од Азија и во Грција. Беше распнат од незнабошците во фригискиот град Ерапол, за време на Дометијан, во 86 година.
Подоцна моштите му се пренесени во Рим. Денес, Црквата го слави и свети Григориј Палама, прво светогорски монах, а потоа солунски архиепископ. Се слави и во втората недела од Великиот пост.
Против калабриецот Варлаам го бранеше и го одбрани мистичното искуство на реалното единство со Бога. Се успокои мирно во 1360 година. Моштите му се наоѓаат во Солун, во црквата што го носи неговото име.
Според старите народни верувања треба да се подготви богата вечера и да се весели со своите домашни.
Ваквите богати гозби се наменети за сите членови од семејството, а можат да бидат и селски веселби пред големите пости. Нивните називи се поврзуваат со големите пости, а бидејќи овие претходат на Божиќните пости, се нарекуваат Божиќни гозби.
По завршувањето на ваквите гозби започнуваат големите Божиќни пости кои подразбираат воздржување од мрсна храна, односно храна од животинско потекло и алкохолни пијалоци, лоши мисли, желби и дела.
Во зависност од краевите и верувањата, различни обичаи се врзуваат за овој ден. Негде, после вечерата лушпите од јајцата се фрлаат во оган, табаните се тријат со лук, а децата пред спиење се облекуваат со превртени пижами наопаку.