Метео анализа на Славчо Попоски:
Променливото време продолжува и во почетокот на новата работна седмица. Утре (понеделник) особено во јужните предели од државава и во претпладневните часови ќе има повремено врнежи од дожд, додека на планините ќе врне снег.
Врнежите сепак полека ќе се намалуваат и ќе престануваат, па така во вторник ќе имаме променливо облачно време со сончеви периоди и ќе биде претежно суво.
Нов влажен бран од запад и од југозапад територијата на Македонија ќе ја зафати ноќта среда кон четврток, како и во четврток и истиот ќе услови нови врнежи од дожд и снег на планините.
Особено во западните предели снежната граница ќе се спушти до околу 1000 метри надморска височина, има услови таа локално да се спушти и под 1000 метри, па така услови за повремен снег ќе има и во некои повисоки населени места во споменатите предели.
Во Скопскиот регион, до средината на работната седмица ќе имаме променливо облачно и претежно суво време. Нови врнежи од дожд ќе има ноќта кон четврток и особено во четврток. На околните планини ќе има услови за повремени врнежи од снег.
Ветерот кој го имаме деновиве и кој е од северен и од североисточен правец значително ќе ја намали својата брзина.
Што се однесува до температурите, не се очекува некој поголем пораст на истите, па така наутро тие ќе бидат пониски и на повеќе места ќе се спуштаат за некој степен под нулата, додека преку ден тие ќе се искачуваат во интервалот од 4 до 10 степени.