Мајката на познатиот рапер Еминем, Деби Нелсон, почина од рак. Таа имаше 69 години, пренесува „ТМЗ“.
Извори блиски до Деби изјавиле дека таа починала во градот Св. Џозеф, Мисури, по битката со рак на белите дробови. За дијагнозата дознала во септември и болеста многу брзо напредувала.
Деби Нелсон е родена на 6 јануари 1955 година во Канзас, а нејзиното семејство подоцна се преселило во Мисури. Нејзиниот татко бил во воздухопловните сили, а нејзината мајка била келнерка во танцов клуб. Деби имала и двајца помали браќа.
Во своите мемоари таа напиша дека пораснала во „големо дисфункционално семејство“. Нејзините родители се развеле во 1964 година, кога нејзината мајка добила ќерка со друг маж. Нелсон напиша дека нејзиниот однос со нејзиниот татко станал затегнат откако тој повторно се оженил и ги посвоил двете деца на неговата сопруга, од кои едното го делела нејзиното име.
Во 1970 година се омажила за Маршал Брус Матерс, кој почина пред пет години. Деби тогаш имала 16 години, а Еминем го родила на 18 години. Во 1986 година го родила и својот втор син.
Врската на Еминем со неговата мајка беше полна со драма. На почетокот на кариерата 52-годишниот рапер ја обвини мајка си дека го запоставувала и го злоставувала. Деби го тужеше за клевета во 1999 година, што дополнително ги затегна нивните односи. Во 2007 година напиша мемоари „Мојот син Маршал, Мојот син Еминем“ во кои, меѓу другото, зборува и за своето воспитување.
Со текот на времето, сепак, тие се помирија, а Еминем ѝ ја посвети песната „Headlights“ од 2013 година на својата мајка. Тој изјави дека му е жал за сите остри зборови кои ѝ ги упатил и се извини за напнатоста во нивната врска.
Во песната „Headlights“, Еминем дополнително го објасни својот гнев кон мајка си и опиша некои инциденти од неговото детство, како кога бил исфрлен од куќата на Бадник, бескрајни тепачки во семејната куќа и настанот по кој заврши неговиот помал брат во згрижувачко семејство.