Регионот тагува: Почина познатиот уметник

Вчера, на 3 декември, во Белград, почина српскиот уметник Драгољуб Раша Тодосијевиќ, „еден од клучните протагонисти на концептуалната уметност во доцните шеесетти и раните седумдесетти години и една од најзначајните уметнички фигури на нашето време”, се вели во соопштението на Музејот на современа уметност во Белград.

Тодосијевиќ придонесе за афирмација на новата уметничка практика во Србија и некогашна Југославија.

Во текот на седумдесеттите години, тој припаѓаше на неформалната група составена од шест уметници собрани околу Студентскиот културен центар. Заедно со Марина Абрамовиќ, Еро Миливојевиќ, Зоран Поповиќ, Неша Париповиќ и Геро Урком ја редефинираше функцијата, потребата и целта на уметноста, како и нејзината форма и материјалност.

Во своите дела составени од акција, перформанси, инсталации, слики и текстови, Тодосијевиќ развиваше радикален политички дискурс. Една од неговите изјави: „Начинот на кој уметникот поставува прашање за уметноста претставува уметничко дело“, ја потврдува посебноста на неговата уметност.

Критичките интервенции, односно постојаното преиспитување, аналитичноста, директната политизација според Тодосијевиќ, се начинот и целта на делувањето во уметноста. Во своите дела, авторот уште од првите акции и перформанси, покрај предмети, користеше и зборови, односно поими и звучност на непосредниот говорен јазик.

Употребата на јазикот, во говорна или писмена форма, во некои од делата на Тодосијевиќ има исклучително широка симболичка улога.

Преку својата уметничка пракса, Тодосијевиќ реализираше цртежи, слики, графики, колажи, скулптури, објекти, инсталации, перформанси, видео записи, плакати, програмски текстови и приказни, па и групни изложби („Уметност, иронија, итн“ до „Приватно-јавно“).

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде