Три земјотреси, од кои најсилниот со јачина од 3.2 степени според Рихтеровата скала, се регистрирани еден час по полноќ во Македонија.
Според првичните податоци од Европско-медитеранската сеизмолошка опсерваторија (ЕМСЦ), прв бил токму најсилниот земјотрес, во 1:12 часот, со епицентар во близина на Дојран, на длабочина од 11 километри. По само една минута, на истото место имало помал потрес од 2.2 степени.
Десетина минути подоцна, се тресеше и во Скопје, а земјотресот, исто така според првичните информации, бил на длабочина од 13 километри, со јачина од 2.5 степени и епицентар кај граничниот премин „Блаце“ кон Косово.
Граѓаните кои пишуваат на веб-страницата на ЕМСЦ дека го почувствувале овој земјотрес, главно се од Скопје и од местата северно од главниот град. Според нивните пошувања, потресот бил кус, а слично како и во Гевгелија и околината, многумина велат дека непосредно пред земјотресот или паралелно со него, слушнале и карактеристичен звук.