Градоначалникот на Крива Паланка вечерва со вонредно обраќање: Не знам како да го разберам ова, дали ова е најава за нов режим?

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски вечерва се огласи на Фејсбук. Постот Ви го пренесуваме во целост.

Мои кривопаланчани, не можам да останам имун на сето она што секојдневно го гледам, но и на сето она што како поплака пристигнува лично до мене!

Не требаше да помине долг период, за да на момент и час се потсетиме на најмрачниот период – од 2006 до 2017 година, кога преку страв и сеење омраза, но и преку различни системски и инспекциски механизми, инспектори беа во партиска служба.

Започнувајќи од најголемиот верски празник на градот, 28-ми август, рождество на Пресвета Мајка Богородица и патронот на манастирот Св. Јоаким Осоговски, но и во изминатиов период, сведоци сме на секојдневно присуство на инспектори од УЈП, АХВ и останати инспекциски служби коишто вршат класична хајка и мобинг и на онака кревкиот бизнис сектор во Крива Паланка.

Да бидеме на чисто!

Законите треба да важат подеднакво за сите и истите треба да се почитуваат.

Но, никако нема да прифатам, премолчам и да се помирам со фактот дека токму во последните седум години на ниту еден трговски субјект, буквално на ниту еден наш сограѓанин-стопанственик “не му фалеше ни влакно”.

Во изминативе седум години токму Државата беше партнер и поддршка на бизнис секторот и тоа без делби и поделби по било кој основ.

Затоа што сме сите едно,секој развој на кој било економски субјект во градот, значи развој на самата локална економија, за што сите сме свесни дека е повеќе од потребно…

Сакал некој да признае или не, фактот е еден и единствен – во изминатите седум години не видовме ниту една жолта лента на еден објект на економски субјект.

Дури и кај тие што беа константирани одредени неправилности, им беше дадена шанса истите да ги остранат, без притоа тенденциозно или со намера и по секоја цена да бидат казнети.

За жал, денес сликата е сосема поинаква, само после шест месеци, состојбата не е таква!

За само шест месеци изречени се повеќе казни од изминатите седум години заедно!

Не знам како да го сфатам и разберам сето ова?

Дали е ова награда или казна за граѓаните на Крива Паланка? Дали ова е најава за нов режим? Дали ова е цената за слободата за која што се боревме ?

Само една порака и само едно сакам да го знаете сите!

СО СРЦЕ И ИСКРЕНО СМЕ СЕ БОРЕЛЕ ЗА ГРАДОТ, ЗА СЕКОЈ ЕДЕН ОД ВАС, ЗА СЕКОЈ ВАШ ПРОБЛЕМ, ЗА СЕКОЈ НОВ ПРОЕКТ! И денес, и утре со секој атом енергија ќе продолжиме да го правиме тоа! Никој, ама буквално никој нема да остане сам!

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде