Започнаа врнежите во Македонија, на повеќе места ќе има преубава снежна идила!

Метео анализа на Славчо Попоски:

Почнувајќи од денес (петок) попладне  и навечер, па се до 25 Декември, територијата на Македонија ќе биде зафатена од длабок циклонски систем кој ќе биде со центар западно и југозападно од нас. Во исто време од север ќе се спушта многу поладен воздух кој значително ќе ги спушти температурите на воздухот.

Во ваква ситуација, ќе имаме чести и пообилни врнежи кои на пониските места ќе бидат најпрвин од дожд, а на повисоките места  и на планините ќе има врнежи од снег, каде на планините и на Скијачките центри снежната покривка значително ќе се зголеми.

Утре (сабота), а особено од понеделник па во деновите потоа врнежи од снег ќе има и на повеќето пониски места (градови) па така  и на овие места ќе се формира снежна покривка.

Исклучок ќе бидат градовите кои припаѓаат на југоистокот од Македонија, како и оние градови Долж Повардарието, каде многу мали се условите за формирање на снежна покривка и врнежите таму ќе бидат претежно од дожд или повремено од дожд и снег.

Во Скопје  и околината со овој ладен и влажен бран ќе има врнежи од дожд и снег, а од понеделник па во деновите потоа се очекува да се формира и помала снежна покривка. Позначителна снежна покривка ќе се формира на околните планини.

Инаку, на планините  и на Скијачките центри локално се очекува снежна покривка со висина дури близу, поа дури и над 100 сантиметри нов снег, додека на пониските места (градовите), особено во источните предели таа ќе биде со висина од 5 до 10 сантиметри, а во западните предели таа ќе биде поголема, од 10 до 20 сантиметри, локално до околу, или над 30 сантиметри.

Сето ова ќе биде проследено со повремено засилен до силен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од на 65 км/час), па така особено на планинските места  и на Скијачките центри ќе има појава  и на снежни наноси. Апелирам, доколку во овој период планирате да патувате низ планинските превои, да бидете крајно внимателни како управувате со своите возила, и тоа поради очекуваните обилни врнежи од снег  и значителната снежна покривка.

Исто така Скијачите, да не се оддалечуваат од Скијачките центри, односно да не се движат на поголеми надморски височини, и тоа поради намалената видливост која се очекува.

Што се однесува до температурите, тие наутро на многу места ќе бидат под нулата, па така се очекува појава и на голомразица, а и максималните дневни температури на повеќе места ќе останат малку над нулата, или околу нулата, а понекаде тие и преку денот ќе останат под нулата.

Уште да напоменам дека за време на овој период локално ќе наврне големо количество на воден талог, особено во западните предели (над 50 литри на метар квадратен воден талог).

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде