Најмалку 12 лица загинаа откако избувна пожар по експлозија во фабрика за производство на експлозиви во Турција.
Службите за итни случаи се на самото место во фабриката за експлозиви во областа Кареши во Баликесир. Според достапните информации, експлозијата се случила во фабриката за производство на муниција ЗСР, а од експлозијата зградата се урнала.
Во моментов на терен се пожарникари и други специјализирани екипи кои се обидуваат да утврдат дали во зградата се уште има луѓе кои не се евидентирани.
Гувернерот на Баликесир, Исмаил Устаоглу, на местото на настанот потврди дека како последица на инцидентот има загинати и повредени.
Отфрлајќи ја можноста за саботажа, Устаоглу рече дека напорите продолжуваат да се утврди колку луѓе имало во објектот. Тој им рече на новинарите: Првичните истраги сугерираат дека се работи за трагична несреќа.
Устаоглу изјави дека експлозијата се случила во одделот за производство на капсули во фабриката околу 8:25 часот утринава, по локално време.
– Експлозијата се случи во фабриката за производство на експлозиви ЗСР. Откако се случи експлозијата во одделот на фабриката каде што се произведуваат детонатори, зградата се урна. Сите наши екипи моментално се тука, додаде Устаоглу.
Се уште не е познато што точно ја предизвикало експлозијата, но според извештаите, пожарот сега е ставен под контрола.
Според достапните информации, најмалку 12 лица загинале, додека три лица се повредени, иако се уште не се знае колку се сериозни нивните повреди. Фабриката, која беше отворена во 2014 година, е специјализирана за производство на муниција за лесно оружје.