Нови детали: Кобни шест минути – во 8.57 часот авионот добил предупредување, а потоа…

Претставници на јужнокорејското Министерство за транспорт открија критична секвенца од шест минути пред несреќата, пишува „Јонхап њуз“.

Во 08:57, контролорите на летање го предупредиле авионот што се приближувал за ризик од удар на птица. Една минута подоцна, во 08:58 часот, пилотот прогласил „мајдеј“ (шифра што укажува дека авионот е во непосредна опасност). Авионот се обидел да слета во 09:00 часот, а се урнал во 09:03 часот.

„Авионот првично се обидел да слета на пистата бр.01, кога контролната кула предупредила дека во областа има птици и дека е можен удар. Приближно една минута подоцна, пилотот упатил повик до кулата. Контролната кула му наложила на авионот да слета во

спротивна насока на пистата бр.19. Пилотот ги следел упатствата и авионот удрил во опремата за навигација на земја пред да удри во ѕид“, пишува „Си-ен-ен“.

Еден од двајцата преживеани членови на екипажот, наводно, ги потврдил првичните теории за причината, велејќи им на спасувачите веднаш по извлекувањето од урнатините дека авионот претрпел удар на птица.

Министерството за транспорт потврди дека инспекторите го пронашле рекордерот со податоци за летот, додека по снимачот на глас од пилотската кабина се уште се трага.

Националната полициска агенција испрати 169 форензичари за да помогнат во идентификувањето на жртвите. Дополнително, ангажирани се 579 полициски службеници кои помагаат во потрагата и ги придружуваат возилата на брзата помош до местото на несреќата.

Досега е потврдена смртта на најмалку 122 лица, двајца се спасени, а во леталото имало вкупно 181 патник и членови на екипажот. Пожарникарите велат дека голема е веројатноста сите други да загинале во несреќата и не им даваат голема надеж на семејствата за време на спасувачката операција.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде