Вчера почина проф д-р Марија Накова, а утре, 3 јануари 2025 година во 13 часот, на скопските гробишта „Бутел“ во Капела 1 ќе ѝ се оддаде последна почит.
Накова е родена во 1946 година во Радовиш, каде во 1965 година го завршила средното образование, гимназија.
На Медицинскиот факултет – Отсек за стоматологија, дипломирала во 1971. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобила во 1975 год. Во 1976 год., на Медицинскиот факултет – Стоматолошки оддел во Скопје, магистрирала на тема „Прилог кон познавањето на протеините, јаглените хидрати и мастите во плунката и плазмата од пациенти со прогресивна пародонтопатија” и се здобила со научниот степен магистер на стоматолошки науки од областа болести на устата и пародонтот.
Научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област го добила во 1980, со одбрана на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов „Процена на метаболните промени во гингивалното ткиво од пациенти со прогресивна пародонтопатија преку следење на вградувањето на маркирани аминокиселини и хијалуронидазната активност“, како прв доктор на стоматолошки науки промовиран на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Македонија.
Во 1971 год., како дипломиран стоматолог, на Клиниката за болести на устата ѝ била одобрена изработка на темата: „Промени во протеинскиот состав на плунката при разни патолошки состојби во устата“, како стипендист на Републичкиот секретаријат за образование и култура.
Во 1972 год. се вработила на Клиниката за болести на устата при ООЗТ Стоматолошки клиники и истата година била избрана за асистент. Во 1981 год. е избрана за доцент на Катедрата за болести на устата и пародонтот, а во 1986 за вонреден професор. Со звањето редовен професор се здобила во 1992, а во 1998 била преизбрана во истото звање.
Својот насочен интерес и предизвикот за унапредување на лекувањето на прогресивната пародонтопатија професор Накова го продлабочила преку стручниот престој во Турку, Финска, кај реномираниот експерт за пародонтални заболувања проф. Паунијо Кејо. Од 1991 до 1997 била помошник на главниот и одговорен уредник на списанието Македонски стоматолошки преглед. Во периодот 1997 до 2000 год. била главен и одговорен уредник, а во 2005 била повторно избрана за главен и одговорен уредниик.
Професор Накова била раководител на Клиниката за болести на устата и пародонтот, а раководител на истоимената Катедра била во периодот 1994- 1998 год. Во три мандатни периоди (1992/1994, 1994/96 и 1996/98) била продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во три мандатни периоди, исто така, почнувајќи од 1998 до 2009, ја обавувала функцијата декан на Факултетот.
Учесник е во изработката на два научни проекта: „Проучување на застапеноста на прогресивната пародонтопатија во СР Македонија и нејзините етиопатогенетски механизми“ (1979), „Процена на состојбата на оралното здравје и потребниот третман на населението во СР Македонија преку примената на базичните критериуми на Светската здравствена организација“ (1990).