Трагедија која ја потресе јавноста: „Да не го однесевме на лекар, можеби ќе беше жив“

“Алекс беше здраво и весело дете. Никогаш не сме се соочиле со сериозни здравствени проблеми. Единствено поради настинки одевме на лекар, што е нормално за секое дете,“ раскажува за Фокус, Ивица Крстевски, таткото на Алекс, четвртодделенецот од село Пеширово кој трагично го загуби животот на 14-ти јануари.

Таткото ја отфрла шпекулацијата дека неговото дете имало здравствени проблеми. Алекс редовно посетувал училиште, без отсуства поради болести, а последниот систематски преглед покажал дека се е во ред. Семејството ја бара вистината за тоа како нивниот син, кој според нив бил здрав, почина под сомнителни околности.

Како започна трагедијата

Утрото на 14-ти јануари, Алекс започнал да повраќа, поради што мајката и дедото го однеле кај матичниот лекар во Свети Николе. Лекарката која била на смена, иако не била матичната на Алекс, му дала инфузија, по што состојбата му се влошила. Наместо да биде испратен со амбулантно возило до Клиничката болница во Штип, Алекс бил транспортиран со истото такси возило со кое пристигнал.

„Не знам зошто не беше повикана итна медицинска помош ако состојбата му била критична. Наместо лекарски тим, детето беше испратено во Штип со такси,“ раскажува Ивица Крстевски, кој во моментот на настанот бил во Словенија, каде што работи за да го прехрани семејството.

Од Штип до Скопје – безуспешна битка за живот

Во штипската болница, на Алекс му била поставена дијагноза „сомноленција“ – состојба на длабока поспаност, која семејството ја слушнало за првпат. Состојбата брзо се влошила, па Алекс бил итно пренесен во Клиниката за детски болести во Скопје, каде што околу 23:30 часот го загубил животот.

Таткото прашува зошто институциите не реагирале соодветно и зошто животно-загрозувачката состојба не била сериозно третирана. „Зошто го испратија без лекарски тим? Ако бевме воопшто свесни дека состојбата е толку критична, ќе направевме сѐ за да го спасиме!“

Без одговорност, само разочарување

Според извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), вонредниот надзор не покажал недостатоци во работењето на три институции: ординацијата во Свети Николе, штипската болница и клиниката во Скопје. Но, семејството е разочарано од системот.

„Јас пет години работам во Словенија и знам како функционира здравството таму. Во развиени земји децата не умираат туку-така. Ова е трагедија од која никогаш нема да се опоравиме. Наместо да бараат причини кај детето, институциите треба да бараат одговорност во својот систем,“ вели вознемирениот татко.

Повик за правда

Ивица Крстевски, кој по трагедијата останал во родното Пеширово, апелира до министерот за здравство Арбен Таравари за реформа во здравствениот систем. Тој е достапен за јавноста и медиумите со надеж дека вистината ќе излезе на виделина.

„Сакам да спречам вакви трагедии во иднина. Сакам вистината за Алекс да биде позната, а неговата смрт да не биде залудна,“ завршува таткото, кој ја изразува својата длабока болка и разочарување од системот што го изневери неговото семејство.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде