Знамиња на половина копје во Турција и пред турските мисии во странство. Претседател Реџеп Таип Ердоган го прогласи утрешниот ден за Ден на жалост во земјата за трагично загинатите лица во стравичниот пожар во хотел во скијачки центар во северозападниот дел на земјата.
Во меѓувреме се пронајдени уште 10, па вкупниот број на загинати сега изнесува 76. Во првиот дел од истрагата се уапсени девет лица, меѓу кои и сопственикот на хотелот.
Покрај 76-те загинати, повредени се и 51 лице од кои најмалку едно е во тешка состојба. Полицијата потврди дека пожарот избувнал три часа по полноќ на четвртиот кат од хотелот Гранд Картал во Карталкаја, во провинцијата Болу. Во моментот на несреќата, во хотелот биле регистрирани 238 гости, а со оглед дека во тек е зимскиот распуст, речиси, до максимум бил пополнет капацитетот на објектот.
Дел од повредените, во обид да се спасат, скокале од тераси и прозорци на собите, некои, пак, се обидувале да се спуштат на безбедно со чаршафи. Преживеаните гости велат дека целосно недостасувале безбедносни мерки, противпожарните аларми не се огласиле, а немало ниту скалила за евакуација.
Од видеата и фотографиите објавени на социјалните мрежи може да се види дека над хотелот се уште се надвиснува чад. И додека надлежните водат истрага за несреќата, во турските медиуми веќе се појавија информации за можните причини за брзото ширење на огнот во хотелот. Некои ја гледаат дрвените облоги на ѕидовите, поставени за подобрување на естетскиот, планински, изглед на хотелот.
Со судска одлука, но и одлука на специјалното владино тело за цензура, владата на Турција забрани емитување на сите видео снимки од несреќата во домашните медиуми.