Марбург вирусот, смртоносен патоген сличен на еболата, повторно се појави во Африка, предизвикувајќи страв и загриженост.
Танзанија прогласи избувнување на овој редок, но изразито опасен вирус, кој се пренесува преку директен контакт со телесни течности на заразени лица или контаминирани површини.
Претседателката на Танзанија, Самиа Сулуху Хасан, вчера ја потврди појавата на вирусот Марбург во северозападниот регион Кагера, со еден регистриран случај.
„Лабораториските тестови спроведени во лабораторија во Кагера и подоцна потврдени во Дар ес Салам, идентификуваа еден пациент заразен со вирусот Марбург“, рече таа на прес-конференција во Додома, град во центарот на земјата, на која исто така присуствуваше и генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.
Во истата област на 10 јануари, починаа дури осум луѓе, кои имале типични симптоми на Марбург, вклучувајќи главоболка, висока температура, болки во грбот, дијареа, повраќање крв, мускулна слабост и надворешно крварење.
Марбург припаѓа на фамилијата филовируси, во која спаѓа и еболата, но за разлика од еболата, за вирусот Марбург нема терапија или вакцина. Вирусната болест е високозаразна, предизвикува хеморагична треска и има стапка на смртност до 88%, според Светската здравствена организација (СЗО).
Првично, заразувањето на човекот со Марбург вирусната болест била резултат на поголемата изложеност во рудниците или пештерите населени со колонии на лилјаците Рузетус.
Вирусот Марбург може да се шири од човек на човек преку директен контакт, како што е исечена кожа или мукозни мембрани, преку крв, секрет, органи или други телесни течности на заразените луѓе, како и преку површини и материјали контаминирани со овие течности, предупреди СЗО.