Три лица се повредени, од кои едно потешко, во верижниот судир што вчеравечер се случи на автопатот кај обиколницата во Скопје. Во несреќата учествувале три автомобили, камион со приколка и паркиран автобус.
Учесници во сообраќајката биле двајца македонски државјани и по еден државјанин на Косово и Бугарија.
Несреќата била пријавена синоќа околу 20:30 часот во СВР Скопје, a детали за неа утринава сподели МВР.
„На автопатот – обиколница на град Скопје, во близина на клучка Смилковци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило ‘фолксваген голф’ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.С. (54) од с.Арачиново, Скопско, патничко возило ‘хјундаи’ со косовски национални ознаки, управувано од Б.Б. (54) од Косово,
патничко возило ‘бмв’ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Д. (27) од с.Радишани, Скопско, товарно возило ‘сканиа’ со приколка со бугарски национални ознаки, управувано од Д.Д.В. (55) од Бугарија и паркиран автобус ‘санос’ со скопски регистарски ознаки“,информираат од Министерството за внатрешни работи.
Тешко повреден во сообраќајката е К.С. од скопско Арачиново, а со телесни повреди се здобиле и Б.Б. од Косово и М.Д. од скопско Радишани. Повредите биле констатирани во Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“.
На местото на несреќата извршен е увид од страна на увидна екипа на СВР Скопје.