„Никогаш да не згасне“ ѕвезденото небо им рече Тоше на своите фанови кои со мобилните телефони светкаа во мракот на последниот концерт кој го одржа на 5 октомври 2007 година во Скопје, а само 11 дена подоцна, трагично загина на автопатот А3 кај Нова Градишка и го остави Балканот без здив, пишува хрватска Насловница.
Да беше жив Тоше ќе имаше 44 години, а малкумина знаат дека неговото оригинално презиме било Проја, дека сакал да го врати презимето,
дека имал намера да одржи целовечерен класичен концерт и дека неговиот хит „Игри без граници“ бил постхумно прогласен за песна на 2008 година и добил награда златен Порин, која ја примил Мирослав Рус, текстописец и композитор на песната, а кој до ден денес не може да го прежали Тоше.
Неброени се хитовите и неизбришливи се трагите кои ги остави Тоше Проески во македонското општество, но и пошироко. Со право за него денеска пишуваат и многу медиуми во регионот.
Вистинското презиме му беше Проја
Познато е дека предците на Тоше Проески биле Цинцари (една од најпознатите групи Власи или Аромани кои живееле во Србија, Македонија и Грција) чие вистинско презиме било Проја. Тоше имаше намера да си го врати вистинското презиме, но трагичната смрт го спречи во тоа.