Граѓаните бараат бојкот на кафичи и кафани: Чај кесичка 5 денари потурена во вода 100 денари

По примерот на Хрватска, на социјалните медиуми се појавија повици в петок граѓаните во земјава да не пазарат во маркетите поради високите цени, а деновиве оваа акција се проширува и на други балкански земји како Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Организацијата на потрошувачите на Македонија, иако не е организатор на овие активности, ги поддржува повиците за бојкот, особено што, како што вели нејзината претседателка Мирјана Лончар, граѓаните секојдневно се соочуваат со зголемување на цените на прехранбените производи.

– Организацијата на потрошувачи го поддржува граѓанскиот повик на социјалните медиуми за бојкот на маркетите. Не сме организатори на оваа акција, но ги поддржуваме граѓаните со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени, вели Лончар во изјава за МИА.

Одите во продавница, особено во големите супермаркети, вели Лончар, и не знаете која цена ќе ве пречека.

– Иако знаеме како се формираат цените на производите сепак постои нешто што се вика стандард на граѓаните. Се надеваме дека Владата ќе ги поддржи граѓаните и ќе се направи нешто подолгорочно. На пример пролетна кошничка која би важела три месеци наместо еден, вели Лончар.

Најавата за бојкот на маркетите предизвика лавина коментари со поддршка, а граѓани сега бараат да се бојкотираат и кафичите поради високите цени.

„Петок треба бојкот и на кафичи , шо е она бе кафе 100/150 ден, чај кесичка од 5 денари потурена во вода 100 ден . БОЈКОТ и на КАФИЧИ во ПЕТОК“, стои во една од објавите на „Х“.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде