Заврши големата полициска акција со кодно име „Вардар“ – уапсени 10 лица

Десет лицасе лишени од слобода во заедничката операција на македонската и српската полиција со кодно име „Вардар“ за разбивање на криминална група за фалсификување пари.

Како што соопшти Јавното обвинителство заедничкиот истражен тим на двете држави по повеќемесечна меѓународна соработка од изутрината спроведувал координирани активности за разоткривање на криминална група што се занимавала со фалсификување и нудење на пазар на европска валута – евро во различни апоени.

Координацијата и спроведувањето на активностите на македонската територија се под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Извршени се 23 наредби за претреси на лица и дом и притоа се обезбедени материјални докази.

При претресите, како што информираат од Обвинителство, се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 500 000 евра, 25 000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1800 израелски шекели, 500 хрватски круни, 10 000 албански леки, 1000 шведски круни и 25 000 рубљи. Воедно се пронајдени топли ваљаци, преси, ЦНЦ машина за изработка на калапи и жигови со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, пиштол, куршуми, кесиња со прашкаста бела и кафеава материја, телефонски апарати, сим картички, УСБ, детектор за фалсификувани банкноти, холограми, бројачи на пари, други предмети за фалсификување пари и лаптопи кои ќе бидат предмет на вештачење.

Операцијата, како што се посочува во соопштението, се надоврзува на претходната операција од август минатата година спроведена од ОЈО Скопје и косовското Специјално обвинителство, кога беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите, а во Косово беше уапсен македонски државјанин кој ги произведувал и пуштал во оптек.

Денешната операција во целост е поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан, кои овозможиле оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош за реализација.

Истовремено, во денешната акција во Република Србија се извршени претреси на повеќе локации во Нови Пазар, Нови Сад, Сомбор и Суботица и притоа се приведени шест членови од криминалната група, а запленети се 180 000 фалсификувани банкноти – евра.

Со подетални информации, додава Обвинителството, јавноста ќе биде информирана во текот на утрешниот ден по донесување на Наредбата за спроведување на истражна постапка.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде