Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Пеце Мирчески, попладнево е приведен во полициската станица Кисела Вода, откако денеска Финансиската полиција му отвори истрага за злоупотреба и финансиски малверзации извршени за време додека бил директор, објави „Телма“.
Заедно со Мирчески, уапсен е и сопственикот на рент-а-кар сервисот ВИП, кој е опфатен со истата истрага.
Ексдиректорот на СОЗР е осомничен за вкупно четири кривични дела, соопшти претходно Финансиската полиција, која поднесе кривична пријава против Мирчески и сопственикот на фирмата кој наводно му дал поткуп на поранешниот директор.
„Првопријавениот П.М, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи, во период од 1 јануари 2022 заклучно со 13 јуни 2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авиобилети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист во вид на хотелски сместувања, авио билети за реализирани патувања, изнајмување на рент а кар возила за приватни потреби и цели како и исплатени дневници за службени патувања во вкупен износ од 1.792.859 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата и го сторил кривичното дело проневера во службата“, велат од Финансиската полиција.