Полицајци упаднаа во полициски станици. Се собираат докази дали началници и раководители на сектори во МВР правеле коруптивни зделки за фиктивно сервисирање на полициските возила. Постојат основани сомневања дека дел од полициските функционери носеле службени автомобили на сервис, поправката ја фактурирале и плаќале со државни пари, а возилата всушност биле враќани во иста состојба, односно воопшто не биле поправани дефектите.
Акцијата се одвива внатре во просториите на самото министерство, во други полициски станици каде има вакви сектори, но и во сервисите за поправка. Неофицијално меѓу сервисите има и звучни и познати компании. Основното јавно обвинителство информираше дека извршени се претреси на 16 локации по наредба на судија на претходна постапка.
По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Министерството за внатрешни работи презема дејствија во предистражна постапка во предмет за злоупотреба и договарање помеѓу економски оператори и вработени во Одделот на МВР за општи и заеднички работи околу спроведена јавна набавка во полицијата.
До овој момент, извршени се претреси на 16 локации врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка, а по барање на јавниот обвинител. Имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката, не сме во можност да споделиме повеќе детали во моменто, информираа од Обвинителството.
Според сознанијата на полицијата, постоеле сериозни сомнежи дека во процесот на сервисирање се правеле злоупотреби, при што службените возила останувале неисправни со месеци, а потоа, иако формално биле враќани како поправени, повторно завршувале кај истите сервиси за исти дефекти.
Со денешната акција, според истите извори, првпат во историјата на јавните набавки во Македонија е спречен и обид за потпишување на нов штетен договор, со што се заштитени буџетските средства на граѓаните.
Неодамна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека секој кој го крши законот ќе одговарам без разлика дали е полицаец, началник или кој било друг.
Инаку пред неколку дена финансиската полиција им поднесе кривични пријава на екс-помошник министер и раководителка од секторот за набавки во МВР, бидејќи во 2018 и 2019-та година договорале тендери во четири очи.
Наместо да спроведат редовна постапка за избор на фирми за поправка и сервисирање на возила на МВР, преку распишување тендер, донеле одлука набавката да се изврши преку итна постапка, без објавување оглас. Покани испратиле само до одредени компании, кои во просек си наплатиле по околу 150 илјади евра. Станува збор за шест фирми односно јавни набавки со вкупна вредност од речиси 800 илјади евра.