Светот тагува: Почина култниот писател

Американскиот писател Том Робинс, познат по своите ексцентрични ликови, хумористични метафори и неконвенционален стил, почина на 92-годишна возраст, соопшти неговата сопруга Алекса Робинс, пренесе „Гардијан“.

Робинс беше култен автор уште од 1970-тите, кога со книги како што е „Дури и каубојките плачат“ ги освои хипи-генерациите.

Неговите дела се спој на фантазија, духовност, хумор и сексуалност, а неговиот стил, кој самиот го нарекуваше „сериозна разиграност“, инспирираше генерации читатели.

Роден во Северна Каролина, уште како дете покажувал љубов кон раскажувањето. Студирал во универзитетот во Вашингтон, каде што соработувал со Том Вулф. Новинарската кариера ја започнал во Ричмонд и Сиетл, а одлучувачки момент за неговиот книжевен стил бил концертот на „Д дорс“ во 1967 година, кој му ја ослободил имагинацијата.

Првиот роман, „Уште една патна атракција“ во 1971 година, е сатирична приказна за мумифицираното тело на Исус, кое завршува во киоск за хот-дог. Со „Дури и каубојките плачат“ (1976), каде што главниот лик Сиси Хенкшоу патува низ светот на секс, дрога и мистицизам, стекна култен статус.

Робинс пишуваше рачно, без однапред смислен заплет, посветувајќи внимание на секој збор. Неговиот стил беше препознатлив по живописни метафори, како „зборот се шири како кожна болест во нудистичка колонија“.

Иако книжевниот естаблишмент не го прифати целосно, неговите книги имаа огромно влијание, особено кај женската публика, поради силните женски ликови.

Зад себе остави сопруга, три деца и литературно наследство што ќе продолжи да инспирира.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде