Вооружен инцидент се случил синоќа во скопската населба Чаир, каде имало истрели од огнено оружје.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, едно лице загинало, додека пак друго е повредено.
„На 11.02.2025 во 00.06 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување.
По преземени мерки било утврдено дека тие претходно учествувале во вооружена престрелка на подрачјето на Чаир.
Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје“, велат од МВР.
Како што додаваат, по преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје.
„Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави“, велат од МВР.
Излезе и видео снимка од ТВ21 која може да ја погледнете во продолжение: