Привршуваат преговорите за Колективните договори за основно и средно образование, а најдоцна за две до три недели ќе биде потпишан договорот, кој веќе 17 години не е обновен.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска најави и дека мартовската плата на вработените во основните и средните училишта, која ќе ја добијат во април ќе биде покачена за седум проценти.
Ова денеска беше соопштено по средбата на министерката за образование и наука, Весна Јаневска и претставници на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
-Ние одржуваме редовни состаноци, се со цел да се подобрат правата на вработените во училиштата. Постигнуваме одредени заеднички ставови кои и во иднина ќе ги доуредиме и ќе дојдеме до конечно решение за потпишување нов Колективен договор. Во однос на платите, ова е второ покачување и е во согласност и со инфлацијата – порача Јаневска.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека се во завршна фаза од преговорите и вели дека овие договори се комплексни и се многу важни за вработените во образование и од таа причина бара сериозен пристап во носење на финални договори.
-Ние како Синдикат очекуваме многу привилегии за нашите членови, кои не се опфатени со соодветен закон или со некој друг колективен договор.
Не се работи за измени се работи за зголемени права, во однос на актуелни закони.
Во секој случај самото присуство на министерката на состаноците, покажува дека се посветува внимание и сакам да изјавам дека таргетот беше до денешниот ден да ги потпишеме, но поради обемноста на материјалите и немање закон за наставници ќе имаме мало доцнење од две до три недели – додаде Неделков.