Почина пациент од грип на Пулмологија

Сѐ уште сме во широка географска распространетост, но, со средна активност на вирусот на грип. Се очекува и според историските податоци, постепено намалување и да излеземе од овој период, изјави денеска  раководител на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје, д-р Драган Кочински.

Тој беше прашан каква е состојбата со грипот моментално, откако во државава имаше благ пад на заболени лица одреден период, а според денешните податоци, повторно има пораст.

Институтот соопшти дека во осмата недела од 2025 година, пријавени се 3.035 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грипот, за 11,3 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица за тој период, споредено со осма недела од минатата сезона е зголемен за 3,7 пати, а во споредба со бројот за осма недела од типичната епидемиска крива – моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 25,6 проценти. Од 17 до 23 февруари, пријавен е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 78 години од Скопје, кое било хоспитализирано во УК за пулмоалергологија. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип.

– Тоа на што апелираме уште од почетокот на сезоната, е, почитување на општите мерки на превенција за респираторни заболувања воопшто, каде припаѓа и грипот. Избегнување контакт со заболени лица, избегнување простории каде што има голем број лица, често проветрување на просториите каде што се престојува, слоевито облекување, топло во ладните зимски денови и консумирање свежи продукти богати со витамини и минерали – овошје и зеленчук. Кога би се појавиле симптоми, тогаш да се избегнува контакт со други луѓе, да не ги доведуваат во ризик, да се остане дома, да се пијат многу течности и секако, доколку се чувствува влошување на симптомите, веднаш да се контактира матичен лекар или инфектолог, подвлече Кочински.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде