ТАЖНА ВЕСТ: Почина легендарниот шаховски велемајстор

Легендарниот руски шаховски велемајстор Борис Спаски почина на 88-годишна возраст, изјави во четвртокот Емил Сутовски, генерален директор на Меѓународната шаховска организација.

Смртта на Спаски ја потврди и Руската шаховска организација, а во оваа прилика на јавноста ѝ се обрати нејзиниот претседател Андреј Филатов.

„Почина голема личност од која учеа генерации и генерации шахисти, проучувајќи ги неговите игри и неговата работа. Ова е голема загуба“, рече Филатов.

Спаски е роден во 1937 година во Ленинград, денешен Санкт Петербур,г и стана десетти светски шампион во шах.

Тоа се случи во 1969 година кога го победи Тигран Петросјан и ја имаше титулата светски шампион до 1972 година кога беше поразен од Американецот Боби Фишер во легендарен меч во Рејкјавик.

Тој натпревар, кој Фишер го доби со 12,5-8,5, а се играше за време на Студената војна, беше наречен меч на векот. Првпат за титулата светски шампион Спаски играше во 1966 година, кога беше поразен од неговиот сонародник Петросјан.

Во текот на 1976 година, Спаски се преселил во Франција и набргу потоа зема француско државјанство. Играше под француско знаме на три шаховски олимпијади, во 1984, 1986 и 1988 година. Во 2012 година го напушти Париз и последните години од животот ги помина во родната Русија.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде