Тажна вест утрово го разбуди светот: Почина легендата на џезот и фанкот

Рој Ајерс, легендарниот џез-вибрафонист чија музика го обликуваше звукот на асид џезот и нео-соул, почина на 84-годишна возраст.

Неговото семејство ја потврди веста на официјалната Фејсбук страница на музичарот.

„Со голема тага ја известуваме јавноста дека легендарниот вибрафонист, композитор и продуцент Рој Ајерс почина на 4 март 2025 година во Њујорк по долго боледување“, напишаа тие.

Ајерс ја започна својата кариера како хард боп музичар, но во 1970-тите се сврте кон џез-фјужн. Тој ја одбележа оваа транзиција со основањето на групата „Roy Ayers Ubiquity“, со која разви карактеристичен звук кој комбинира соул, џез и фанк. Неговиот стил, исто така, му донесе неколку R&B хитови, вклучувајќи ги „Running Away“ (1977) и „Hot“ (1985).

Неговата музика стана плодна почва за семплирање, особено хитот од 1976 година „Everybody Loves the Sunshine“, кој го користеа Мери Џеј Блајџ, Др. Дре, Кендрик Ламар, Канје Вест, Комон и многу други.

„Рој Ајерс беше еден вид кум на модерниот вибрафон. Тој внесе посебен елемент во неговиот звук, различен од сите други“, изјави минатата година за „Њујорк Тајмс“ (New York Times) вибрафонистот Ворен Волд. “Неговата музика може да биде музика за релаксација, но и ритам за добра журка. Вибрацијата е секогаш силна”.

Роден на 10 септември 1940 година во Лос Анџелес, Ајерс израснал во музичко семејство и бил фасциниран од вибрафонот на петгодишна возраст, откако бил сведок на настапот на Лајонел Хемптон. Подоцна студирал пијано и пеел во црковниот хор, а првиот вибрафон го добил на 17-годишна возраст. Студирал музичка теорија на Сити колеџот во Лос Анџелес, додека свирел џез во ноќните клубови.

Ја сними својата прва плоча со саксофонистот Кертис Ејми, а во 1963 година го потпиша својот прв договор и го издаде својот деби албум „West Coast Vibes“. Тој се здоби со пошироко признание преку неговата соработка со флејтистот Херби Ман, кој продуцираше три албуми за него во доцните 1960-ти, отворајќи му го патот кон џез-фанкот.

Во 1970 година, тој потпиша договор со Polydor и го издаде албумот „Ubiquity“, набрзо формирајќи го истоимениот бенд. Неговиот џез-фанк доби кинематографска димензија во 1973 година кога ја компонираше музиката за култниот филм „Coffy“.

Неговата кариера го достигна врвот во средината на 1970-тите, кога го издаде албумот „Everybody Loves The Sunshine“ (1976), кој стана клучен дел од неговото наследство. Иако не достигна високи позиции на топ листите, албумот остана омилен меѓу генерациите благодарение на семплирањето во хип-хоп музиката.

Како што се зголемуваше култниот статус на неговите стари снимки, Ајерс продолжи да создава и да соработува со млади музичари. Се појави на албумот „Jazzmatazz Vol. 1“ на раперот Гуру во 1993 година, а во 2004 година го издаде „Mahogany Vibe“, во кој учествуваа Ерика Баду и Бети Рајт.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде