Јужнокорејскиот пејач Висонг почина на 43-годишна возраст, а полицијата, според извештаите, планира да спроведе обдукција за да ја утврди причината за неговата смрт, објави „Гардијан“.
Пејачот, чие вистинско име е Чои Висонг, бил пронајден во бесознание во неговиот стан во понеделник навечер од страна на итните служби, откако неговата мајка повикала помош, пренесуваат локалните медиуми.
Полицијата соопшти дека не се пронајдени знаци на насилство, но предупреди дека поминало „значително време“ од неговата смрт, поради што била побарана обдукција.
„Уметникот Висонг нè напушти“, потврди неговата менаџерска агенција „Таџој ентертејмент“, од каде потенцираа дека нивната екипа е во „длабока тага“.
Висонг, кој имаше серија хитови во Јужна Кореја, вклучувајќи ја и популарната преработка на песната „Insomnia“ од британската ѕвезда Крег Дејвид, требаше да настапи заедно со пејачот KCM во југоисточниот град Даегу овој викенд.
Во својата последна објава на социјалните мрежи, Висонг го најави претстојниот концерт и напиша: „Слабеењето завршено. Се гледаме на 15 март“.

