Обвинетиот Велибор Манев на денешното рочиште раскажа во детали како Љупчо Палевски – Палчо го убил Панче Жежовски, берберот од Велес.
Манев рече дека претходно заедно со Влатко Кекишев ископале дупка во која требало да се чува Жежовски како грабнат, но дека воопшто не знаел дека Палевски има намера да го убие. Манев раскажа и дека тој ги однел полицајците до местото каде што заедно со Кешишев ја ископале дупката.
– Го изнесовме од колата, го донесовме до самиот отвор, имаше вратичка на земуницата (дупката), го спуштивме тука да му се одврзат рацете и да може да го спуштиме доле по скалите. Беше легнат на самиот отвор да можам да го одврзам, тука не напоменав само дека пикапот и Влатко Кешишев останаа подоле на самата база на ‘Македонија пат’ и остана таму да чека на 300-400 метри, а Палевски дојде со нас горе кај земуницата (дупката). Откако се наведнав да го одврзувам Љупчо Палевски така наеднаш му испука куршум во слепоочница на Панче Жежовски.
Јас останав како да ви кажав, останав, (издишува) без зборови едноставно срипав и излегов од шумичката која што беше врз самата земуница (дупката) што беше обрасната. Застанав таму во некое ситуација пред колабирање, се соземав со дишење се тресев од тоа што го видов, и го видов како Боре излага молчешкум од местото, а со крај на окото видов како Палевски го превртува Панче со се церадата во дупката. Дојде до мене, јас го прашав: зошто ова, не требаше вака? Ми рече: ‘Вака е почисто, нема што да се секираш’. И тогаш прв пат ми рече ме потбутна со раката и ми рече „да не расипуваме пријателство имаш убава фамилија“, раскажа Манев.
Во дупката требало да се чуваат грабнатите лица заради изнува, на како што рече, на наплата
-Целта беше да се чуваат таму грабнатите лица и да се пуштат откако ќе се изврши наплатата. Првично требаше Панче Жежовски да биде грабнат, за да се искористи неговото возило за грабнување на Вања, а потоа да биде грабната жена од 38-40 години и да се направи замена. Панче да се пушти со колата да си замине, а жената да се чува додека не се изврши наплата. Првично баравме објект каде ќе бидат чувани, едно попладне бев во канцеларијата на Трета, во Шампионче во Кисела Вода. Палевски ми предложи да го оставам телефонот во канцеларија, кога излеговме ми рече дека објект е тешко да се најде да одредиме место за „земуница“ (скривница под земја), каде може да ги чуваме грабнатите лица. Откако го најдовме местото заедно, реши тука да се направи „земуницата“, се направи и еден период ја оставивме да се замаскира самата природно – додаде Манев.
За одлуката за грабнување на Панче Жежовски, тој вели дека месец и пол пред грабнувањето на лицата барале некој необележан автомобил, украден, за да можат да го извршат грабнувањето.
-Бевме со маски, не нè позна, влегов јас, Палчо се тргна, јас почнав да му ги врзувам рацете. Палчо влезе во куќата од влезната врата, ги извади клучевите. Таму беа клучевите од колата, ја извади церадата од колата, а јас и Боре го извадивме Панче за да го ставиме во гепек. Се симнавме долу до „рено кангуто“ со кое дојдоа. Ставивме гориво во колата на Панче Жежовски. Додека го ставаа горивото, Палевски го фрлил телефонот на Панче во долот. После тоа фативме кон копаната „земуница“ за да го спуштиме долу и да одиме за Скопје. Претходната вечер земавме две туби за вода и јас и Кешишев отидовме до бензиска и наполнивме гориво.
На прашањето како комуницирале, Манев изјави дека комуницирале со „моторола“ воки-токи.