Еве колкава ќе биде минималната плата доколку нема поинаков договор меѓу работниците и работодавците

Владата ќе поддржи договор помеѓу работодавачите и работниците во врска со минималната плата, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој додаде дека во втората половина на март може да се одржи нов состанок на Економско-социјалниот совет.

„И секој оној договор, којшто тие ќе го постигнат, ние како Влада ќе го поддржиме. Предлогот, којшто го слушнав од еден од претставниците на работниците, конкретно претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, се разликува од оној предлог од пред неколку месеци, кога оваа Влада беше избрана како Влада. Не почекаа ниту една недела да биде избрана и излегоа со предлогот 400 евра минимална плата.

Сега кога видоа дека законски ќе дојдеме до 400 евра се бара минимална плата од 500 евра. Еве јас велам ни 500 евра не се доволни, можеби треба 1.000, можеби треба 2.000 и тука немам никаква дилема. Јас апсолутно сум работник, како и сите други работници и сакам сите ние да имаме поголеми плати“, изјави Мицкоски.

Тој исто така потсети дека Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка инсистирале на зголемување на старосната граница за пензионирање, но Владата реши да ги заштити правата на работниците и граѓаните.

Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка бараа зголемување на прагот на данокот на додена вредност. Ние одлучивме да го штитиме стандардот на граѓаните и да застанеме во одбрана на стандардот на граѓаните.

Влеговме во безмилосна борба со оние коишто се богатат на грбот на граѓаните, трговците, дистрибутерите, трговските ланци, каде што ги ограничивме маржите и на дистрибутивната маржа и на маржата во малопродажба“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека Владата обезбедила 250 милиони евра за поддршка на стопанството, со најповолен кредит во Европа со каматна стапка од 1,95%, за да се зачуваат постоечките работни места и да се создадат нови.

„Мене ме радува фактот што од тие 250 милиони, според информациите што ги добивам, проектите кои нашето стопанство ги генерираат веќе достигнуваат половина милијарда евра и наместо 5.000 нови работни места, веќе сме до 10.000 нови работни места. Во јануари имаме раст од 5% на извозот, во 2024 ќе бидеме држава со најголем број странски инвестиции по глава на жител на Балканот и меѓу трите на Европскиот континент“, изјави Мицкоски.

Тој исто така нагласи дека во јануари годинава биле постигнати 8,5% поголеми приходи, додека расходите во буџетот биле намалени за 3,5%. Дополнително, кредитирањето пораснало за 11,7%, а растот на индустријата бил 13%.

„Двоцифрен раст од којшто 13% е за индустријата, а сè уште не почнале да се користат унгарските средства… Ние како Влада ќе сториме сè да обезбедиме вистински услови за водење бизнис, а тоа подразбира чесна работа, борба против криминалот и корупцијата е сè што е во интерес на граѓаните, согласно законот и Уставот. Да сумирам, тоа што ќе го договорат работниците и работодавачите, ние ќе го почитуваме. Во меѓувреме имаме јасен закон и ќе постапиме согласно законот“, изјави Мицкоски.

Прашан дали минималната плата од април ќе изнесува 400 евра, Мицкоски потврди дека ако нема поинаков договор меѓу работниците и работодавачите, според законот таа ќе биде околу 24.400 денари.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде