Илјадници граѓани од сите делови на Србија денеска се собраа во Белград на повик на студентите за да учествуваат на протестен собир, поттикнат од трагедијата во Нови Сад кога се урна настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 луѓе, а двајца беа повредени.
Многу улици во градот се блокирани поради големиот број луѓе, па граѓаните и студентите наоѓаат алтернативни начини да се приклучат на протестот.
Колони демонстранти се движат кон Народното собрание и плоштадот Славија од сите страни и делови на градот.
На Инстаграм профилот на студентите во блокада е објавено дека на протестниот собир ќе има три бини, односно, главната бина ќе биде на плоштадот Славија, каде ќе е главната програма и говорите. Во меѓувреме, кај Народното собрание ќе има аудио бина, каде ќе се пренесуваат говорите од Славија, а мини бина ќе има и кај паркот Мањеж, каде исто така ќе има пренос од говорите на Славија.
Официјалната програма започна во 16 часот, со едночасовна музичка програма. Од 17 часот започнаа воведни говори, додека половина час подоцна е најавен говорот „Нема да не газите“, а во 17:40 часот е најавено дека ќе биде прикажано видеото „Омраза/љубов“.
Програмата е предвидено да продолжи во 18 часот со хорски настап, по што во 18 часот и 30 минути ќе се одржат говори на просветни работници.
Во 19 часот ќе има тишина за загинатите во Нови Сад, а во 19:30 часот ќе продолжи музичката програма. Во 20 часот, организаторите ќе одржат говор насловен „Општествен фронт“, а 15 минути подоцна ќе следи нешто кое е најавено како „Најголемата врева во Србија“. Завршен говор е закажан за 21 часот, а во 21:20 часот ќе започне акцијата за чистење на просторот со музичка програма.
Придружна програма ќе се одржува и на четири точки каде граѓаните се собираат во текот на целиот ден.
Студентите претходно повикаа на мирен и достоинствен собир, како што велат, до исполнување на нивните барања. Велат дека нема да дозволат протестите да ги одбележат инциденти и најостро осудуваат секаков облик на насилство.
Протестот во живо погледнете го ТУКА