Докторот и екс-директорот на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски информираше дека повеќе млади биле хоспитализирани на клиниката, а го преживеале пожарот во кочанската дискотека. Според него, секој од младите има своја траорна приказна за ужасот кој го доживеале во тие 10-30 минути додека траел хоророт во „Пулс“.
Како што објави докторот, преживеаните „раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како изнесувале на своите раце изгорени и јагленисени свои другари, како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент и уште многу други лични трауми кои ги погодија овие прекрасни млади личности“.
Беќаровски жали и оценува дека „ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник“.
РАНИ НА МЛАДИТЕ НЕДОЛЖНИ ДУШИ
На Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади страдалници од хоророт кој го доживеаа во таканаречениот кабаре бар.
Од една страна среќни што сепак извлекле жива глава, задоволни што поминале со некоја полесна изгореница, сe уште со по некој гареж во нивните гради.
Но секој од нив има своја траорна приказна за ужасот кој го доживеале тие 10-30 минути.
Раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како изнесувале на своите раце изгорени и јагленисени свои другари, како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент и уште многу други лични трауми кои ги погодија овие прекрасни млади личности.
Тие раскажуваат, нас солзите сами нѝ навираат.
Ова се дваесетина индивидуални драми, но секој од тие петстотини невини фиданки, има своја приказна, своја лична траума. Драми кои не може да ги креира ниту Холивуд.
Физичките трауми ќе зараснат или ќе остават трајни физички дефекти, но душевните трауми уште долго или доживотно ќе бидат нивен следбеник.
Ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник.
ЗОШТО ???
“За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови”